ВИДЕО: Барса со Гасол загуби од Баерн и го прати Реал на четвртфинале со Анадолу Ефес

Најуспешната екипа во регуларниот дел од Евролигата, Барселона на Шарунас Јасикевичиус со два порази ја заврши сезоната, но тоа не го промени пласманот пред плеј-офот. Вечерва во „Палау Блауграна“, Барса загуби од Баерн на Тринкиери со 72-82.

Првиот натпревар по враќањето во матичниот клуб го одигра Пау Гасол, кој треба да биде додадена вредност на шпанскиот победник на Купот. Ветеранот постигна девет поени и запиша четири скока во периодот поминат во игра. 

Во текот на сите четириесет минути Германците водеа, шутот никако не ја служеше Барса и поразот беше неминовен. Најефикасни во каталонскиот тим беа Вестерман и Болмаро со по 12 и Дејвис со 11 поени, а кај Баерн се истакнаа Рејнолдс со 26 и Болдвин со 18 поени.

Со овој расплет, Барса уште не го знае противникот во четвртфиналето, а тој ќе биде познат по натпреварот Зенит - Панатинаикос в понеделник. Поразот на лидерот значи скок за Баерн, па сега наместо со Олимпија Милано, Реал Мадрид ќе игра со Анадолу Ефес, бидејќи „кралевите“ завршија на седмото место, прескокнати токму од Баерн Минхен