Барса и Олимпија Милано победија во „мајсторките“ и ќе играат на Ф4 во Евролигата!

Кошаркарите на Барселона и Олимпија Милано се радуваа на победи во „мајсторките“ од четвртфиналните дуели во Евролигата и се пласираа на „фајнал-фор“ турнирот. 

Каталонскиот тим блесна кога беше најпотребно и демонстрира сила во „Палау Блауграна“ против Зенит, па победи со 79-53. Уште на стартот домаќинот покажа дека сака да оди на завршниот турнир, а подоцна лесно се одлепи и ја одржуваше предноста. Со одличен тимски перформанс и дури четворица „двоцифрени“ играчи, Барса го реши четвртфиналето. Стрелците ги предводеше Кори Хигинс со 15, пред Калатес со 12, а по 11 имаа Дејвис и Курик, колку што уфрли и Појтрес од Зенит. 

Олимпија Милано се помачи малку повеќе против Баерн Минхен, но на крајот слави со 92-89. Иако „манекените“ водеа во поголемиот тек од натпреварот, испуштија +17 и за малку од готов натпревар не си направија „вересија“. Момците на Тринкијери се вратија на -2 во самата завршница, па Милано со мала доза среќа успеа да победи во финишот. Данецот Шилдс се истакна со 34 поени во редовите на Олимпија, а кај Баерн „дабл-дабл“ имаше Рејнолдс од 19 поени и десет скокови. 

На „фајнал-фор“ турнирот Барселона ќе вкрсти копја токму со Олимпија Милано, додека ЦСКА Москва ќе се пресмета со Анадолу Ефес