• Саше Љолес

Екипата на Барселона продолжува со плановите за креирање нов ростер, откако управата драстично го намали буџетот за следната сезона. Сепак, клубот е активен на трансфер-пазарот, а најновите информации од Шпанија сигурно се добри за навивачите на Каталонците.
Медиумите на Апенините пишуваат дека Барса е многу близу до потпис со двајца извонредни кошаркари. Тоа се браќата Вили и Хуан (Хуанчо) Хернангомез, кои останаа без клуб откако им заврши договорот со НБА-тимовите, Торонто Репторс и Њу Орлеанс Пеликанс.
Вили Хернангомез беше МВП на последниот Евробаскет и поседува огромно искуство, а неговиот трансфер би бил навистина изненадувачки, зашто тој потекнува од школата на вечниот ривал, Реал Мадрид. Проблем во оваа ситуација може да биде тоа што „кралскиот клуб“ уште ги поседува правата за настап на играчот во Шпанија. Од Мадрид сè уште нема никаков одговор, а не се знае и каква ќе биде реакцијата од навивачите на „кралевите“. Очигледно е дека во спротивниот табор сигурно ќе преовладува големо задоволство, доколку трансферот се реализира.
Каталонскиот великан влегува со намален буџет во следната сезонаа, прв на „отстрел“ ќе биде најверојатно Никола Миротиќ кој заработува десетина милиони евра годишно. Управата сè уште не може да се договори со центарот околу раскинот на договорот, но во исто време работи и на новите засилувања.
Вили Хернангомез во кариерата настапуваше за Реал Мадрид, Њујорк Никс, Шарлот Хорнетс и Њу Орлеанс Пеликанс, а изминатата сезона бележеше 7,2 поени и 4,9 скокови за просечни 12 минути на паркетот. Неговиот брат Хуан играше за Естудијантес, Денвер Нагетс, Минесота Тимбервулфс, Бостон Селтикс, Сан Антонио Спарс и Торонто Репторс. Помладиот од браќата Хернангомез минатата сезона имаше просек од 3 поени и 3,4 скокови по натпревар, но настапи на само 42 од вкупно 82 натпревари во регуларниот дел.