• Саше Љолес
Тренерот на грчкиот Олимпијакос, Јоргос Барцокас, изјави дека е одушевен од атмосферата секогаш кога доаѓа во белградската „Арена“, но очекува неговите кошаркари да извојуваат победа и да го „замолкнат пеколот“ во главниот град на Србија.
Олимпијакос ќе допатува во Белград и ќе се сретне со Црвена Звезда во 15. коло од Евролигата, а тренерот на Грците е убеден дека неговиот тим може да се врати дома со целиот плен.
„Имаме неколку работи на кои мораме да внимаваме, но мислам дека можеме да дојдеме до триумф. Во Белград атмосферата секогаш е незаменлива и уникатна, моите играчи го знаат тоа. Имаме квалитет и тоа ќе го докажеме на теренот.
Ќе го замолкнеме белградскиот пекол со добра игра и позитивен резултат за нашите навивачи. Во секој случај, очекувам коректна, топла и братска атмосфера“, изјави Барцокас.
Натпреварот помеѓу Црвена Звезда и Олимпијакос ќе се одигра на 13 декември во 20:30 часот. Грчкиот гигант во моментов е на третата позиција на табелата, додека Звезда е десетта со учинок од седум победи и исто толку порази.