Барцокас: Сè уште сме во шок, како да нè удрил товарен воз!

Јоргос Барцокас и кошаркарите на Олимпијакос сè уште не можат да се помират со болниот пораз во големото финале на Евролигата, каде загубија од Реал Мадрид. Грчкиот гигант беше и подобар противник во поголем дел од натпреварот, но Шпанците на „една топка“ го добија трилерот со неизвесна завршница.

Петилјадната публика која допатува од Атина и другите делови на Грција едноставно замолкна кога Серхио Љуљ ги постигна клучните поени за победата на Реал, а тренерот Барцокас даде изјава дека сè уште шокот е огромен кај сите. 

„Имав одделни разговори со дел од играчите. Сите на разни начини го восприемаме шокот од болниот пораз. Се чувствувам како да нè удрил товарен воз и сме смачкани на земја. На некои играчи сега им е потребна огромна поддршка, голем дел од нив не биле никогаш во ваква ситуација, но верувам дека за многу кратко време повторно ќе бидеме мотивирани и гладни за успех.

Ние бевме тим кој цела сезона победуваше, не е лесно кога некој ќе ве „тресне од земја“ на ваков начин. Сè уште сметам дека бевме подобри во финалето, но ете, не секогаш подобриот победува. Некогаш и среќата игра клучна улога, а секако и искуството“, изјави тренерот Барцокас. 

Олимпијакос загуби во големото финале од Реал Мадрид со резултат 78-79, а се чини дека поразот оставил огромна трага кај кошаркарите на грчкиот гигант. Тимот од Пиреа беше прв фаворит за титулата пред почетокот на сезоната во Евролигата.