• Саше Љолес

Тренерот на Олимпијакос, Јоргос Барцокас, изјави за грчките медиуми дека нема намера да се расправа понатаму со претседателот на Панатинаикос, Димитрис Јанакопулос.
Контроверзниот бизнисмен влезе во конфликт со Барцокас на последното градско дерби, но тренерот вели дека не е изненаден од првиот човек на ПАО, за кого рече дека го напаѓа со месеци.
„Не е првпат Јанакопулос да ме напаѓа. Тој тоа го прави со месеци, а навистина не можам да разберам зошто. Не е мој стил да се расправам со претседатели на клубови. Сакав да му изразам сочувство на Атаман за смртта на татко му, а Јанакопулос тоа го искористи за уште еден напад.
Јас немам социјални мрежи, а тој ги користи сите средства за да ме оцрни. Немам намера да се бранам од овие потези, можеби еден ден ќе го кажам моето мислење, но не би зборувал за тоа во овој момент“, изјави трофејниот кормилар на Олимпијакос.
Атинските гиганти повторно ќе водат голема битка за титулата во елитниот грчки шампионат, па тука секако се очекува голема борба и зовривање на страстите, како што впрочем се случува и секој пат кога се соочуваат овие два клуба.