Барцокас по поразот во Болоња: Изгледавме како да сме на ревијален меч!

Грчкиот Олимпијакос претрпе неочекуван пораз во Евролигата, откако Виртус Болоња славеше со 96-94, со кош на Маркус Кар во самиот финиш. Италијанскиот тим приреди големо изненадување, а тренерот на грчкиот гигант Јоргос Барцокас не го криеше разочарувањето од изданието на своите кошаркари.

Особено проблематично за Барцокас беше отворањето на натпреварот. Олимпијакос во првата четвртина прими дури 33 поени, а притоа не направи ниту еден фаул.

„Примивме 33 поени во првата четвртина и не направивме ниту еден фаул. Како да сакавме да им дозволиме да постигнуваат поени само од игра. Изгледаше како да сме дошле на ревијален натпревар.

Можеби бевме задоволни од претходните победи на гостински терен, но нашиот менталитет не беше на потребното ниво против тим кој очајнички сакаше да победи“, изјави Барцокас.

По натпреварот, грчкиот стратег беше прашан и дали по освојувањето на европската титула кај неговите играчи можеби има недостаток на мотивација.

„Секој тренер овде е голем натпреварувач. Со Олимпијакос петпати по ред стигнавме до Фајнал-фор и освоивме многу домашни трофеи. Пред сè, мораме да ги убедиме сите дека Олимпијакос не е тим за кој играш само за да играш, туку тим за кој играш за да победиш“, порача Барцокас.

Поразот во Болоња е уште еден сигнал за Олимпијакос дека во Евролигата нема простор за опуштање, без разлика на квалитетот и амбициите на тимот.