Барцокас: Ни следи атлетска „војна“ - борба за секоја топка, за секој скок!

Екипата на Олимпијакос зад себе остави фантастичен лигашки дел во Евролигата, а одличните партии ги повтори и во плеј-офот и заслужено е на 40 минути до нов голем успех во европската кошаркарска елита.

Но, за тоа да ѝ успее ќе треба да извојува победа во финалето во Каунас над ланскиот финалист. Јоргос Барцокас, предводникот на Олимпијакос, кој беше прогласен за најдобар тренер на сезоната, во пресрет на финалето изјави:

„Горди сме што како клуб стигнавме до завршниот натпревар. Знам колку тешко беше и ќе биде уште потешко во годините кои доаѓаат за да се стигне на Ф4. Сите четири екипи кои дојдоа тука имаат успешна сезона, но само две екипи можат да го направат последниот чекор. Борба за секоја топка, за секој скок, за нас, за нашите фанови, за нашата историја – тоа е она што ни треба за титулата да дојде во Пиреја.

Ако ја погледнете нашата финална средба во 2013 година против Реал и денешните натпревари ќе видите колку кошарката се менува. Ќе биде атлетска „војна“, сите знаеме какви гиганти ќе играат за титулата и сигурно ќе биде интересно. Најмногу сум горд што се врати култот на Олимпијакос, што донесовме 12.000 наши навивачи во Белград минатата година, што сега има 5-6.000 гледачи во Каунас, кој не е така блиску до Грција. 

И ние и Реал Мадрид имаме кошаркари кои се сенатори во тимот и знаат што претставува клубот. Но, тоа значи и дека имаме проблем. Нема продукција на млади кошаркари, момците се заинтересирани за други приоритети и се соочуваме со недостаток на нови квалитетни играчи во европската кошарка“, заврши тренерот на Олимпијакос. 

Големото финале на Евролигата се игра в недела со почеток од 19:00 часот.