Бајиќ: Словачка и Швајцарија заслужуваат максимален респект

Македонија ќе влезе во претквалификациите за СП 2023 со нов селектор. Драган Бајиќ, предводникот на сениорскиот состав, ја коментираше ждрепката и групата во која ќе се соочиме со Швајцарија и Словачка. Тренерот на Игокеа потенцира дека се работи за две квалитетни селекции кои заслужуваат максимален респект. 

„Јасно е дека станува збор за добро познати противници, селекции кои беа во истата линија со нашата селекција во претходниот квалификациски циклус за пласман на Евробаскетот. Тоа би требало да биде некоја олеснителна околност.

Она што можам да го кажам дека селекцијата на Швајцарија заслужува максимален респект за она што го направи во оние последни квалификации за ЕП. Не е мала работа да се победи една велесила како Србија, макар и во еден комбиниран состав. Тоа треба да ни биде одредница како да се поставиме во августовските натпревари.

Словачка го има Кајл Кјурик, еден од носителите на играта на Барселона. Да не заборавиме на Бродзијански, еден исто така одличен играч кој игра заедно со Нено Димитријевиќ во шпанскиот Хувентуд. Но сепак, тоа се само некои првични информации. Имаме време за целосни анализи на ривалите“, кажа Бајиќ.

Согласно со системот за натпреварување, првопласираните две селекции од секоја од четирите групи ќе обезбеди пласман во следниот циклус од натпреварите. Вториот круг од претквалификациите ќе се игра во периодот од 11 до 28 август.