Бајиќ: Против нас имавме сигурен фаворит, не сме ниту близу до Шпанците

Македонија доживеа висок пораз на гостувањето кај Шпанија (80-44) во рамки на мундијалските квалификации. Ова беше последно гостување за нашите кошаркари. По мечот во Сарагоса, селекторот Драган Бајиќ истакна дека разликата меѓу двата тима била евидентна, пред се поради отсуството на повеќе имиња од составот на Македонија.

„Честитки за Шпанија за победата и благодарност на гостопримството. Што се однесува до мечот, знаевме дека против нас имаме сигурен фаворит, но се обидовме со некој краток период на тренинзи да се подготвиме, иако во ротацијата ни фалеа неколку важни играчи, што и се покажа на овој натпревар. Имаше некои добри моменти од кои можам да бидам задоволен, но имаше и лоши кои мора да ги исправиме ако сакаме нешто подобро. Едноставно, мислам дека квалитетот и физичката подготвеност, односно состојбата на играчите на Шпанија, преовладува во вакви натпревари. Тимот кој го водам не е на ниво на Шпанците. Не се снајдовме на една добра агресивна одбрана на ривалот. Имавме енергија во првата четвртина, само на неа може да гледаме како на нешто добро, но во втората четвртина се реши мечот кога Шпанија го покажа сиот свој квалитет кој го поседува. Самата разлика на скокови говори за доминацијата на Шпанија во однос на нас. Сите момци го дадоа максимумот, се боревме колку што можеме, но мора да ги смениме одредени работи ако сакаме нешто подобро. Знам дека со одредено време и кога ќе ни се приклучат сите играчи ќе бидеме уште подобри и својата шанса ќе ја бараме со репрезентации кои се приближно како нас, а не од нивото на Шпанија“, изјави Бајиќ по натпреварот.

Кошаркарската репрезентација на Македонија, која нема шанси за пласман во следната фаза, во последниот домашен меч ќе игра против Украина.