Бајиќ е нов селектор на Македонија: Чест е што Антиќ и Гечевски ме избраа мене! (ВИДЕО)

Кошаркарската Федерација официјално го промовира новиот селектор на машката сениорска репрезентација. Драган Бајиќ, познатото кошаркарско име од Балканот, е нов предводник на националниот тим и доаѓа на местото на Александар Тодоров.

Станува збор за добро познат стратег, актуелен тренер на кошаркарскиот колектив Игокеа. Прв предизвик за новиот селектор ќе биде настапот во претквалификациите за Светското првенство (СП) кое ќе се игра во 2023 година.

„Огромна благодарност до челниците на Федерацијата за довербата да бидам на оваа функција. За секој тренер е чест да се биде селектор на една репрезентација, а јас ја имам честа да станам селектор на Македонија. Мило ми е што луѓе како Антиќ и Гечевски кои како играчи имале врвни тренери, одлучија да ме изберат мене за нов селектор. Имам доста голема енергија и желба да направиме добра работа заедно. Би сакал да останам десет години. Рано е да се зборува за детали, но сите играчи ќе добијат шанса да играат и ќе се обидеме од секој да го извлечеме најдоброто и да бидеме најдобри што можеме. Како тренер барам да бидеме како семејство и да дишеме како еден, бидејќи само тоа е патот кон успехот“, изјави Бајиќ.

  • Комплетната изјава на новиот селектор:

Бајиќ е 15-тиот селектор во историјата на репрезентацијата по Александар Књазев, Стерија Андоновски, Благоја Георгиевски, Лазар Лечиќ, Јовица Арсиќ, Марин Докузовски, Марјан Лазовски, Алеш Пипан, Драган Раца, Заре Марковски, Александар Џикиќ, Марјан Србиновски, Јорданчо Давитков и Александар Тодоров.