Бајиќ: Доброто им го препишувам на играчите, лошото оди на – мој грб!

Кошаркарската репрезентација на Македонија убедливо славеше над Словачка (47-69) и ја забележа првата победа во претквалификациите за Светското првенство (СП). По дуелот, селекторот Драган Бајиќ им честита на кошаркарите и е радосен што оној притисок во тимот кој постоел претходно, на овој дуел не бил видлив.

„Честитки за момците за добриот натпревар. Благодарност и до публиката, тие беа еден голем ветер во грбот. Се надевам дека со Швајцарија ќе бидат во што поголем број. Имавме малку време за подготовка, ама максимално одговорија кошаркарите на сите задачи. Освен во втората четвртина, во другите бевме добри. Сосема заслужена победа. Сега следи Швајцарија, со која имавме голем притисок во првиот натпревар. Јас не им го создав тоа на играчите, туку целиот нов тим. Во последните два дена работевме да го тргнеме притисокот и работите испаднаа добро. Исто и оваа победа ништо не ни значи, како што реков и за оној пораз од Швајцарија. Не се плашиме од никого, така ќе биде и понатаму. Се што е добро им препишувам на играчите, се што е лошо оди на – моја душа“, изјави селекторот Бајиќ.

Следниот меч од претквалификациите за СП 2023 за Македонија е закажан на 16 август, кога во СЦ „Јане Сандански“ со почеток од 19:00 нашите кошаркари се среќаваат со Швајцарија. За крај е „реваншот“ со Словачка, на 18 август од 19:00 часот. Најдобрите две селекции во групата продолжуваат во следната фаза.