Бајиќ: Без оглед на исходот од Киев, овој тим ќе расте од натпревар во натпревар

Кошаркарската репрезентација на Македонија гостува кај Украина во дуелот од второто коло во квалификациите за Светското првенство во 2023 година. Нашите кошаркари мора да го продолжат позитивниот момент, кој против Шпанија треаеше две четвртини, доколку сакаат изненадување во Киев.

Во пресрет на натпреварот, попладнево од 18:00 часот, селекторот Драган Бајиќ го изнесе своето мислење. 

„Украина играше со Грузија и пружи добар отпор. Имаат одличен ростер и доста искусен тренер. Треба да се одмориме колку што можеме и да се подготвиме за натпреварот. Сигурно е дека далечното патување ни создава и дополнителни проблеми, затоа што времето за анализа и подготовка ќе биде навистина кратко. Искрено, сите наши подготовки беа за средбата со Шпанија. Па во овој простор кој е пред нас ќе се обидеме да направиме целосна анализа за она што следува, дуелот со Украина. Како и да е, тука сме со намера да пружиме некој наш максимум и со амбиции, со намера да се обидеме да го добиеме овој натпревар. Со уверение дека од натпревар во натпревар овој тим ќе расте и ќе расте. Атмосферата во екипата е навистина добра. Работам со доста карактерни момци,  навистина сум задоволен и уживам во работата поради која сум овде“, изјави Бајиќ. 

По домашниот пораз против бранителот на тронот Шпанија, пред избраниците на Бајиќ е нова тешка задача во Киев. И Украинците го загубија првиот меч, на гости кај Грузија (88-83) па и тие се мотивирани во пресрет на дуелот со Македонија.