Баерн во поумешен финиш избега од дното, продолженијата среќни за ПАО

Екипата на Баерн Минхен ја забележа третата победа во евролигашкото друштво и преку Асвел (74-75) избега од дното на табелата во најквалитетното европско кошаркарско натпреварување.

„Баварците“ беа поумешни во пенал-финишот, кога подобро шутираа слободни, а потоа ја искористија одбраната на најдобар можен начин. Де Коло беше најдобар кај Асвел со 15 поени, додека кај Баерн диригенти во победата беа Лучиќ и Метјус со по 13 поени.

Панатинаикос на домашен терен по продолжение ја совлада Виртус Болоња (76-76 регуларен дел, 88-85 конечен резултат). Иако домашните водеа со шест поени пред крајот (74-68), Виртус го сврти резултатот (74-76), па мораше да се спасуваат. Во есктра-времето ситуацијата беше поинаква.

Вилијамс со 26 поени беше лидер кај грчкиот тим, поддршка му беше Американецот Волтерс со 18 поени, додека кај Виртус Болоња, Џаите имаше 20 поени и 10 скока, пред Оџелеје со вкупно 19 поени.

Во последниот натпревар Басконија беше убедлива со Жалгирис (93-73). Костељо и Томпсон имаа меч во кој дадоа по 19 поени, а кај литванскиот првак Улановас имаше 18 поени.