Баерн Минхен се засили со крилен центар од шпанската Барселона

Германскиот гигант Баерн Минхен официјално го претстави американскиот кошаркар Мајлс Норис како свое ново засилување. 26-годишниот крилен играч потпиша двегодишен договор со баварскиот клуб.

Норис пристигнува од Барселона, каде што минатата сезона дебитираше во Евролигата. Во елитното натпреварување просечно бележеше 3,3 поени и 1,9 скока на 34 натпревари, додека во шпанското првенство имаше учинок од 6,8 поени и 3,6 скока, со 37,5 проценти успешност во шутот за три поени.

„Баерн е голем и одлично организиран клуб. Сакам да му помогнам на тимот да победува на највисоко ниво. Разговарав со тренерот за клубот, градот и кошарката, а разговорот ми остави одличен впечаток. Верувам дека ова е вистинското место за да ја подигнам мојата игра на повисоко ниво“, изјави Норис.

Пред да се пресели во Европа, Американецот настапуваше во НБА Џи-лигата за Мемфис Хастл, каде во сезоната 2024/25 просечно постигнуваше 17,1 поен и 5,5 скока, а забележа и три настапи во НБА во дресот на Бостон Селтикс.