• Горан Упале
Лос Анџелес Клиперс направи „брејк“ во Колорадо и го совлада Денвер Нагетс со 105-102 и израмни на 1-1 во серијата во првото коло од плеј-офот во НБА.
На Нагетси не им помогна ниту новиот „трипл-дабл“ на Никола Јокиќ. Српскиот ас имаше нова фантастична партија која ја заврши со 26 поени, 12 скока и 10 асистенции, а забележа и три украдени топки и седум загубени топки. На другата страна Клиперси до „брејкот“ во Денвер ги предводеше Ленард со 39 поени, погодувајќи 15 од 19 удари од поле (79%), вклучувајќи четири тројки, а имаше и пет асистенции.
Покрај Ленард, одлични кај победничкиот тим беа и Џејмс Харден со 18 поени и Ивица Зубац со „дабл-дабл“ ефект од 16 поени и 12 скока, а Јокиќ го следеше Џамал Мареј со 23 поени и шест асистенции.
Серијата сега се сели во Лос Анџелес, а следниот натпревар е закажан за в петок во 03:00 часот по локално време. Победникот од оваа серија во второто коло ќе игра со победникот од серијата во која Оклахома Сити Тандер во првиот меч го совлада Мемфис Гризлис со 51 поен разлика.