• Зоран Мишевски
Најдобриот тим по основниот дел од сезоната, екипата на Бадел 1862, славеше убедлив триумф со 73-56 во првиот натпревар од финалната серија во женскиот плеј-оф против актуелниот бранител на шампионскиот пехар, Баскет КАМ 2011.
Бадел 1862 беше подобар ривал во текот на целиот натпревар. Но отпорот на противникот, домашната екипа го „скрши“ во третата и почетокот од последната четвртина кога поведе со 17 поени разлика (57-40).
Мали проблеми за „баделки“ дојдоа кога Нена Трајчевска поради пет лични грешки мораше да го напушти теренот. Гостинките од Македонска Каменица подоцна се доближија на достижни 53-60, но немаа сили да направат пресврт.
Се во играта на Бадел 1862 на премиерниот натпревар од финалето се вртеше околу репрезентативното трио Кметовска-Стојановска-Трајчевска, кое постигна 55 од вкупно 73. поени. Во гостинската екипа со 12 поени, Тасевска беше најефикасна кошаркарка.
Вториот натпревар од серијата се игра в недела попладне во салата „Кирил и Методиј“ во Македонска Каменица.