„Баделки“ немаа сили за кам-бек, Баскет КАМ доминантно до двојната круна!

Баскет КАМ го потврди брејкот во претходниот меч и запиша победничка трета победа над Бадел 1862 (86-66) во финалето на македонскиот шампионат.

По славјето во Купот, кошаркарките од Македонска Каменица ја потврдија одличната сезона и заслужено се израдуваа на двојната круна. Ова е дебитантска титула во првенството за избраничките на Александар Ашаданов.

Домаќинот беше феноменален во првиот дел. Успеа да направи огромна разлика, која рутински ја сочува во остатокот од мечот. Започна со +11, а на пауза замина со високи +25 (54-29) и си го отвори патот кон големиот успех. Неизвесно беше во третиот квартал, но тоа беше очекувано, со оглед на опуштеноста кај домашните кошаркарки.

Митрашиновиќ беше најефикасна кај победникот со 24 поени, ја следеше Гобељиќ со 18. Кај гостите капитенката Стојановска реализира 20 поени.

Немаше многу дилеми околу изборот на најкорисниот играч не само на овој финален натпревар, туку воопшто во серијата која го даде новот шампион.

Анџелика Митрашиновиќ е носителот на драгоценото признание за најдобра во оваа последна фаза. Беше вистински лидер на тимот не само на овие четири меча од големото финале, во кое патем кажано, собра 29 индексни поени. Беше на чекор до троен ефект. На 24 поени (20 во првото полувреме), придодаде и 10 асистенции и девет скока. 

Апсолутна доминација на теренот наградена со МВП трофејот кој го додели Спортскиот Директор на КФСМ, Тодор Гечевски.