„Баделки“ го добија дербито со Вардар и останаа максимални во шампионатот

Во дерби дуелот од четвртото коло на Суперлигата во женскиот шампионат на Македонија, кошаркарките на ЖКК Вардар беа достоен ривал, но „паднаа“ во последните неколку минути и Бадел 1862 забележа победа од 70-64.

Пресудна беше последната четвртина во која лидерот стисна уште повеќе во одбраната и направи победничка разлика. Доволно по вторппат за кратко време да бидат подобри од својот голем ривал во годините кои се зад нас...

Екипата на Бадел 1862 го одигра овој меч и буквално со една петорка. Во која освен водечките кошаркарки, Стојановска и Трајчевска, беа Лазареска, Димова и Максимовска. Жесток отпор пружија „вардарки“ против големиот фаворит. По три четвртини резултатот беше нерешен (53-53). Во голема мерка изедначеноста беше поради одличното издание на Подунавац и на искусните Наков и Деловска кои не им дозволија на „баделки“ да се одвојат ниту играчки, ниту пак резултатски.

Пресудија последните десет минути, односно неколку од нив во тој дел од играта, кога „баделки“ успеаја да се довојат на недостижни 67-60 на три минути пред крајот.

Освен Трајчевска и Стојановска (искомбинираа 38 поени), ново одлично издание имаше Димова, која на 19.поени додаде и десет скока, додека Лазареска беше четвртта со двоен број на поени – десет. Кај Вардар, Подунавац застана на бројката од 20.поени, 9.скока и 6.асистенции. Наков имаше 15.поени, 6.асистенции и 5.скока, а Деловска и Петрушевска уште по 11. поени.

Бадел 1862 останува водечки и по четири кола во Суперлигата со максимален резултат, 16 победи во 16 натпревари. Вардар е на ефект од 12 победи и четири порази.