Бадел 1862 запиша историска победа во ВАБА-лигата

Кошаркарките на Бадел 1862 во рамки на третото коло успеаја да дојдат до историски резултат и забележаа победа на гостувањето кај Бановичи (57-70) во рамки на регионалната ВАБА-лига.

„Баделки“ се прва екипа во македонската женска кошарка кои запишаа триумф во оваа сениорска конкуренција од Јадранската лига. Тоа им појде од рака на гости во БиХ. Уште во воведниот период македонскиот тим имаше двоцифрена предност (18-6), која до полувремето се зголеми, затоа што се водеше со 38-20 и се даде до знаење дека женската македонска клупска кошарка ќе пишува историја.

Вториот дел беше само рутина за Баделки, кои со мирна игра успеаја да ја одбранат предноста која ја стекнаа во првиот дел од натпреварот. Ивана Кметовска беше лидер со 24 поени и шест скока во победата, а ја следеше Александра Стојановска со 18 поени. Цветанка Димовска запиша „дабл-дабл“ од 16 поени и десет скока.

Бадел по три кола во ВАБА-лигата има една победа и два порази.