• Горан Упале
Кошаркарите на Бадел 1862 со брилијантна игра во првата и третата четвртина стигнаа до голема победа во втоиот круг од натпреварите во женското издание на Јадранската лига. Пред македонскиот претставник падна фаворизираниот тим на Триглав, кој во Скопје беше совладан со убедливи 69-44.
Избраничките на Перо Стамески цврсто во одбрана и ефикасно во напад го отворија мечот и можеби неочекувано на првата мала пауза заминаа со водство од 26-10. Гостите од Словенија со нешто подобро издание во вториот квартал успеаја да ја намалат негатива, но баделки не се откажаа од намерата да впишат убедлива победа и со квалитетна игра во следните две четвртини се изборија за убедлива победа од 25 разлика.
Максмовска и Трајчевска со по 15 поени беа најпрецизни во таборот на македонскиот тим, а солиден учинок имаа и Кметовска (13) и Стојановска 12).
Во следниот круг од натпреварите, на 3. февруари, исто така во Скопје, Бадел 1862 ќе го пречека топ-фаворитот во регионалната лига, екипата на Будуќност Бемакс.