Австралија обезбеди прво место, Германија ќе чека услуга од САД

Кошаркарите на Австралија си го обезбедија првото место во групата Б на Олимписките игри во Токио, откако во третото коло ја запишаа и третата победа, овојпат над Германија (89-76). 

Германците беа под поголем притисок, но во аутсајдерска улога во пресрет на натпреварот. Иако поведоа на стартот, до полувремето му го препуштија приматот на ривалот. Австралија одигра рутински, водеше и иако во неколку моменти Германија доаѓаше до егал, не дозволија изненадување. 

Во завршницата предноста порасна и на двоцифрена бројка, се движеше во таа маргина и Австралија заслужено стигна до триумфот на оваа средба. 

Бидејќи завршија како третопласирани, кошаркарите на Германија ќе стравуваат за место во плеј-офот. Тие се во моментов најдобри во конкуренцијата, но само бидејќи имаат натпревар повеќе. Чешка и Аргентина се останатите две селекции кои се трети. Чесите ќе имаат невозможна мисија со САД, додека Аргентина и Јапонија во директна битка ќе се борат за третото место во групата Ц.