• Иван Димовски
Кошаркарките на Австралија се радуваа на победата во четвртфиналето на Олимписките игри против Србија со убедливи 67-85. Пресметката во „Акор Арената“ во Париз мина во знакот на Австралијките кои уште од стартот се наметнаа и сосема заслужено убедливо победија.
Освен во воведните минути кога слекциите си разменија првични поени, Австралија се наметна и почна да се одлепува, па веќе во првата четвртина дојде до девет поени предност (17-26). Србинките имаа лош втор период, а тоа ривалот знаеше да го казни и да изгради сериозно водство кое пред одморот достигна 18 разлика. На паузата меѓу полувремињата се замина со 32-48.
Ниту во второто полувреме Србија немаше решение за противничката игра, па предноста порасна на највисоките „плус 28“. Иако во завршната четвртина Австралија се олабави, противничките немаа сили да пријдат поблизу од „минус 18“, резултат со кој и заврши мечот.
Лидерки на Австралија на теренот беа Смит со 22 поени и 13 скока, додека по 18 уфрлија Џорџ и Мелбурн. Кај Србија се истакна Ногиќ со 17 поени на контото.