Австралија ја декласира Аргентина и ќе игра полуфинале против САД

Кошаркарите на Австралија лесно се справија со Аргентина, победија со 97-59 (39-33) и се пласираа во полуфиналето на Олимписките игри во Токио. Ривалот од Јужна Америка не беше дораснат да се бори против расположените Австралијци, кои дојдоа до убедлив триумф. Заедно со Франција и Словенија, „кенгурите“ остануваат максимално со четири победи.

Аргентина тргна добро, поведе и имаше контрола во првата четвртина во која дојде и до +8. Сепак, до паузата Австралија ги консолидираше своите редови и направи пресврт, па на полувреме заминаа со водство од 39-33. 

Австралија полека но сигурно ја градеше предноста по паузата. Иако Аргентина уште некое време се одржуваше во едноцифрен дефицит, следеше луда серија од 25-0 со која беше решен натпреварот. Од пред крајот на третиот период, па и неколку минути во последниот период Австралија не прими ниту поен и дојде на огромни +31. Во самата завршница, предноста порасна и на максимални +41, за сериозен дебакл на Аргентина. Натпреварот заврши со овации од противничките кошаркари за 41-годишниот Луис Скола, кој не можеше да ги скрие солзите на последниот натпревар за аргентинската репрезентација.

Во полуфиналето Австралија ќе се сретне со Соединетите Американски Држави, кои ги совлада во пријателски натпревар пред две недели, додека во вториот дуел ќе се пресметаат Франција и Словенија. Натпреварите од полуфиналето се играат в четврток, а разврската за медали в сабота. Олимпиското злато од Рио Де Жанеиро го бранат американските кошаркари.