• Горан Упале

Репрезентација на Австралија приреди изненадување во малото финале на Летните олимписки игри и го освои бронзениот медал на кошаркарскиот турнир. Во борбата за третото место „кенгурите“ го наполнија кошот на селекција на Словенија и извојуваа убедлива победа од 14 поени разлика (93-107).
Лука Дончиќ и европскиот шампион ја имаа фаворитската улога на овој дуел, но тоа не го покажаа на паркетот. Австралија уште од самиот старт им стави до знаење дека немаа намера да се предаде и по израмнетите први десет минути, во вторите покажа моќ и квалитет и се одлепи на осум поени на полувреме (45-53).
Ефикасната игра на „жолто-зелените“ продолжи и во третиот квартал, а Словенија одново потфрли и со тоа го загуби чекорот во малото финале.
На крај Австралија славеше со убедливи 93-107, а најпрецизен на паркетот беше Милс со 42 поени и девет асистенции. Дончиќ заврши со 22 поени, 8 скока и 7 асистенции, а солиден беше и Препелиќ со 18 поени.