• Мартин Танасковски

Екипата на ТФТ Скопје со победа го отвори плеј-офот во кој влегува како лидер. Тафталиџани пред својата публика го совладаа Тиквеш во еден неизвесен меч (80-74) и така му се реваншираа за високиот пораз во претходното соочување.
- Комплетниот натпревар меѓу ТФТ Скопје и Тиквеш:
Двете екипи играа меѓусебе на крајот на регуларниот дел во Кавадарци кога победи Тиквеш, а пласманот посака да се сретнат пак на отворањето на плеј-офот. Мечот тргна изедначено, а потоа екипата на Боро Смилковски влезе во шутерски ритам и во третиот квартал избега на високи плус 13 поени (58-45).
Но и тоа не беше доволно за мирен финиш на дуелот во Скопје. Гостите предводени од тројкашот Хокинс, на кого поддршка му беа сонародниците Минси и Хенри, успеаја во целост да се вратат во мечот. На минута пред крајот Тиквеш дури и поведе (73-74) и ја најави драмата која имаше среќен крај за ТФТ.
Во клучните моменти, Ташовски постигна двојка, а по промашен напад на Хенри следеа слободни за Зафиров. Мечот го реши Гордон со едно атрактивно „цепелин“ забивање, па Тиквеш очекувано брзаше во финишот да постигне поени, ама немаше реализација.
Зафиров беше најдобар кај победникот со 20 постигнати поени, пред Гордон со 17 поени, додека Ташовски постигна 11 поени. Кај Тиквеш се истакнаа Хокинс со 20 и Минси со 15 постигнати поени.





