• Горан Упале
Атланта Хокс пружи силен отпор, но фаворизираниот Бостон Селтикс се пласира во второто коло од плеј-офот на Источната конференција во НБА лигата. Тимот од Масачусетс го доби шестиот натпревар со 128-120 и со вкупен резултат 4-2 ја елиминира Aтланта.
Во најголем дел натпреварот беше рамноправен и ниту една екипа не успеа значително да се одлепи. Во последната четвртина се влезе со 100-98 за Атланта, но Селтикси беа посмирени во клучните моменти и запишаа заслужена победа.
Ударниот тандем Браун - Тејтум постигна 62 поени. Браун стигна до 32 поени, пет скока и две асистенции, додека Тејтум имаше 30 поени, 14 скока и седум асистенции. Одлична поддршка им дадоа Смарт со 22 и Брогдон со 17 поени.
На спротивната страна Тре Јанг беше најефикасен со 30 поени и десет асистенции. Хантер запише 20, Колинс 17, а Мареј 14 поени. Во следното коло од плеј-офот, Бостон ќе игра против Филаделфија која со вкупни 4-0 во серијата го збриша Бруклин.