ВИДЕО: Атланта го расипа рекордот на Дурант, нов пораз на Чикаго Булс

Кевин Дурент имаше фантастичен натпревар во НБА лигата, постигна 55 поени против Атланта Хоукс, но тоа не беше доволно за Бруклин Нетс да запише нова победа. На крај на „Стејт Фарм Арена“ славеше домашниот состав со сигурни 122-115.

Клучен период на натпреварот беше втората четвртина, во која Хоукси одиграа моќно во нападот и со 37-20 си создадоа позитива која што беше недостижна ниту за ѕвездениот тим од Бруклин. Во славеничкиот тим најдобар беше Јанг со 36 поени и десет асистенции, а солидни беа и Галинари и Хантер со по 15 поени. За Бруклин, покрај Дурант, се истакна и Ирвинг со 31 поен.

Кошаркарите на Чикаго Булс сè уште немаат обезбедено место во плеј-офот во НБА лигата, бидејќи продолжува нивниот пад во играта, а тоа носи и пад на табелата. Последен тим кој им го зеде скалпот на Булси е Мајами Хит со убедливата победа од 127-109.

Во редовите на Мајами, кој е и лидер во конференцијата со 50 победи, имаше неколку расположени кошаркари. Џими Батлер постигна 22 поени, Кајл Лори и Тајлер Хиру запишаа по 19, а Бем Адебајо додаде 16 поени. Кај Чикаго се истакнаа Зак Лавин со 33 и Демар Дерозан со 26 поени.

За разлика од Булси, екипата на Голден Стејт обезбеди пласман во плеј-офот, победувајќи ја Јута на домашен терен со 111-107. 

Клеј Томпсон беше и најефикасен „воин“ на паркетот со 36, а Џордан Пул додаде 31 поен. Мајк Конли и Донован Мичел запишаа по 26 поени кај Јута.