ВИДЕО: Атланта ја доби „мајсторката“ во Филаделфија, Феникс води со Клиперси

Кошаркарите на Атланта Хокс ќе играат во полуфиналето на НБА лигата, откако ја добија „мајсторката“ во „Велс Фарго Центар“ кај Филаделфија со 103-96. Во крајно неизвесен седми натпревар, домаќинот на крајот „го положи оружјето“ иако се сметаше за голем фаворит. 

  • Филаделфија 76ерс - Атланта Хокс: 

Џоел Ембид беше најдобар поединец на теренот, со „дабл-дабл“ од 31 поен и 11 скокови, а одличен беше и Харис со 24 поени и 14 скокови, но тоа беше недоволно. Атланта имаше добра тимска партија, Хуертер ги предводеше поентерите со 27, пред Треј Јанг кој собра двоен ефект од 21 поен и 10 асистенции, а таков учинок имаше и Колинс (14 поени и 16 скокови). 

Во конференциското финале, Атланта ќе се се пресмета со Милвоки Бакс. 

  • Феникс Санс - Лос Анџелес Клиперс: 

Од друга страна, веќе стартуваше финалето на Западот, а прва победа во серијата заработи Феникс Санс над Лос Анџелес Клиперс (120-114). Клиперси пак играа без Каваи Ленард, а кај Феникс недостигаше Крис Пол. Девон Букер беше неприкосновен, одигра неверојатна партија во два правци и со 40 поени, 13 скокови и 11 асистенции запиша „трипл-дабл“ ефект. Добар натпревар одигра Пол Џорџ со 34 поени, пред Џексон со 24, додека кај Санси се истакна и Ејтон со 20 поени.