• Иван Димовски
Грчкиот кошаркарски гигант Панатинаикос ги извести клубовите-сопственици во Евролигата дека ќе ја поднесе својата кандидатура за организација на завршниот турнир следната сезона.
Само ден пред одржувањето на состанокот на бордот, каде ќе се дискутира и за ова прашање, грчкиот клуб испратил официјално известување дека сака да биде домаќин на Фајналфор турнирот во својата „ОАКА“ арена во Атина.
Неколку грчки медиуми ја пренесоа оваа информација доцна синоќа, а со тоа Панатинаикос станува директен ривал на Белград, кој исто така е во трка за организација на елитниот настан. Доколку српската престолнина добие зелено светло, тоа ќе биде третпат да го угости завршниот турнир на Евролигата.
Последен пат Атина беше домаќин на Ф4 во 2007 година, кога токму Панатинаикос дојде до европската титула. Сега, со силен состав и полна сала, тимот на Ергин Атаман би имал значајна предност во битката за нова титула.
Конечната одлука ќе биде донесена в четврток на состанокот на сопствениците на клубовите во Евролигата.