Атанасов: Влегуваме како фаворит, ама тоа да го оправдаме на терен

Кошаркарите на МЗТ Скопје ги чека гостување кај Студент во Босна и Херцеговина во рамките на третото коло на АБА2 лигата. „Штрковите“ имаат победа и пораз од почетокот на шампионатот, а мечот со овој ривал е шанса за враќање на победничките патеки. 

Тренерот Васко Атанасов пред средбата не бегаше од фаворитската улога, ама повика на претпазливост.

„Гостувањето во Бања Лука за нас е едно од клучните во првиот дел на сезоната. Со оглед на искуството и традицијата во натпреварувањето ние влегуваме во мечот како фаворит. Сепак, тоа треба да се оправда на теренот. Ситуацијата ни е уште потешка бидејќи се соочуваме со отсуство на неколку важни играчи, ама ваквите проблеми носат и мотив повеќе за другите во тимот. Добро се подготвивме, знаеме што сакаме и како да дојдеме до тоа. Сега треба сето тоа да го презентираме на паркетот и на крајот да си заминеме со два бода во џебот“, изјави Атанасов.

Освен тренерот Атанасов, своите очекувања ги сподели и искусниот центар Хуан Дејвис, кој кажа:

„Секој натпревар во АБА2 е приказна за себе, во која без разлика на ривалот мора да се даде максимум за да се дојде до зацртаната цел. Ја анализиравме играта  на Студент, знаеме кои им се добрите, ама и полошите страни па ќе се обидеме да го искористиме тоа. Верувам дека на овој натпревар сè ќе зависи од нас. Ако бидеме на потребното ниво и ако го одиграме она што тренерот го бара од нас, победата ќе ни биде на дофат на рака“.

Натпреварот во Бања Лука се игра вечерва со почеток во 20:00 часот.