Атанасов: Предноста од првата средба треба да ја „извадиме“ од главите на кошаркарите

Кошаркарите на МЗТ Скопје извојуваа голема победа во првиот четвртфинален натпревар од АБА2 лигата и убедливо го совладаа Широки со 85-69. Сепак, од редовите на нашиот шампион повикуваат на смиреност, затоа што пред нив е уште еден натпревар, на кој повторно треба да одиграат најдобро што можат. 

Предводникот на МЗТ, Васко Атанасов, вели дека ваквите натпревари се најтешки за тренерите, бидејќи треба да ги „исчистат“ главите на кошаркарите по убедливата победа на свој терен.

„Ваквите натпревари се најтешки за играње, но и за подготвување од нас тренерите. Најмногу во делот да го „извадиме“ од главите на кошаркарите водството од првата средба и да ги примораме да одиграат како да е само овој натпревар. Знам дека моите момци се ментално стабилни, важиме за искусна екипа и верувам дека ќе може да се дистанцираме од случувањата во Аеродром. Ако тие ги следат сите инструкции и ако го дадат својот максимум, тогаш нема за што да се грижиме околу пласманот во полуфиналето“, вели Атанасов.

Натпреварот во салата „Печара“ во Широки Бријег се игра в среда во терминот од 19:00 часот.