Атанасов: Среќни сме за победа, но штета е што тука завршивме со АБА2

Кошаркарскиот шампион на Македонија, МЗТ Скопје со победа ја заврши сезоната во АБА2 лигата. Пред своите гледачи „штрковите“ со 87-82 ја совладаа Цедевита Јуниор во последното коло од групната фаза во регионалното натпреварување. 

Тренерот Васко Атанасов беше задоволен по извојуваната победа, но жали што тимот не се пласира во втората фаза од лигата.

„Одигравме максимално борбено и имавме голема желба сезоната во АБА2 да ја завршиме со победа. Среќни сме што успеавме во тоа, како доказ дека дефинитивно можеме повеќе во оваа конкуренција . Сите кошаркари го дадоа својот максимум и навистина е штета што нема да ги продолжиме натпреварите во оваа конкуренција“, изјави Атанасов.

За тимот од Аеродром ова беше трет триумф во АБА2 оваа сезона, а забележа и исто толку порази, па групата ја заврши на третото место.