Атанасов: Паузата не ни дојде добро, бевме надвор од ритам

Тренерот на МЗТ Скопје Аеродром, Васко Атанасов, не го криеше разочарувањето по поразот од Војводина во АБА-2 лигата, нагласувајќи дека паузата негативно се одразила врз ритамот и концентрацијата на неговата екипа.

Според него, клучниот проблем бил слабиот пристап во првото полувреме, кога противникот добил премногу простор за офанзивни скокови и лесни поени.

„Очигледно паузата не ни дојде добро, целосно бевме надвор од ритам, особено во првото полувреме. На противникот му дозволивме премногу офанзивни скокови и освоени топки, а со тоа и многу поени од втора шанса. Во второто полувреме одигравме нешто подобро, но за жал тоа не беше доволно за да победиме. Честитки за Војводина за добрата игра, а ние продолжуваме понатаму“, изјави Атанасов.

МЗТ Скопје во новата сезона на АБА-2 има скор 3-3.