Атанасов: Очекувам поддршка од фановите и победнички старт на финалето

Пелистер за првпат, или МЗТ Скопје по десетти јубилеен пат - кој од овие две екипи ќе биде новиот шампион на Македонија за сезоната 2022/23.

Одговор на ова прашање треба да го даде серијата на големите ривали која поради предноста која ја има актуелниот бранител на титулата, ќе стартува пред нивата публика, онаа во СЦ „Јане Сандански“.

Лани, во нападот на шампионскиот трон, Васил Атанасов беше во улога на асистент-тренер, во оваа, по заминувањето на Драган Николиќ, има шанса да дојде до првиот шампионски трофеј во својата, не така долга, тренерска кариера.

„Секогаш е чест да се игра во финалето, кое треба да биде кулминација на сѐ што е направено досега сезонава. Пред нас е серија против добро познат противник, со кого игравме многу неизвесни средби изминативе години и кого никако нема да го потцениме.

Играме добро, но мал проблем ни е преголемата пауза по завршувањето на полуфиналето со Работнички, што секако нема да биде причина да не одиграме најдобро што знаеме.

Домашниот терен носи значајна предност, а улогата бранител на титулата е обврска да се даде сѐ од себе. Очекувам голема поддршка од трибините и победнички старт на финалната серија, со што ќе го најавиме освојувањето на јубилејната десетта титула“, вели Атанасов пред почетокот на финалето.

Првиот дуел во серијата се игра попладнево од 18:00 часот во СЦ „Јане Сандански“.