• Горан Упале
Тренерот на МЗТ Скопје Аеродром, Васко Атанасов, разбирливо беше пресреќен по синоќешната убедлива победа над Широки (85-69) во првиот четвртфинален плејоф меч од АБА2, која на македонскиот шампион му носи голема шанса за место меѓу четирите најдобри екипи.
Но, работата не е завршена бидејќи има и реванш следната среда во БиХ, за што е свесен и нашиот стратег, кој ја „спушта топката“ и најавува смирување на еуфоријата сѐ додека не биде остварена конечната цел.
„Задоволен сум од играта, особено во второто полувреме во кое дојдовме до посакуваната разлика дури и без Ејасу Ворку (играше само четири минути) и Бојан Крстевски, кои беа повредени. Ништо од ова немаше да се случи без фанатичната поддршка од трибините, на што им се заблагодарувам на нашите навивачи. Предноста веќе ништо не ни значи, бидејќи за реваншот ќе се подготвуваме како да почнуваме од 0-0. Верувам во своите момци и мислам дека можеме да продолжиме во ваков ритам, секако со претходно одработување на задачата во македонското првенство“, изјави Атанасов.
Македонскиот тим пред вториот меч против Широки ќе мора да ги одмериме силите со Гостивар и тоа в сабота (13 април) на домашен терен во вториот дуел од четвртфиналето од плеј-oфот во Македонија.