Атанасов: Нема правила во „вечното дерби“, тоа нѐ научи историјата

Екипата на МЗТ Скопје како фаворит влегува во „вечното дерби“ со Работнички кое е во фокусот во актуелното коло на Суперлигата. Дуелот го најави тренерот Васко Атанасов, кој истакна дека нема фаворити во овој меч и мора да се биде максимално внимателен.

„Вечното дерби секогаш е предизвик сам по себе, без разлика на односот на силите и моменталната форма на двете страни. Историјата нѐ учи дека нема правила, дека нема фаворити и дека победата треба да се заслужи со максимална борбеност во сите 40 минути. Не размислуваме за противникот, туку сме фокусирани на себе, на тоа како ќе го одиграме натпреварот. Добро трениравме, во победничка низа сме и верувам дека ако дадеме сѐ од себе, тогаш ќе се радуваме на крајот од вечерашниот дуел. Верувам во моите момци, како и во нашите верни навивачи, кои сигурен сум во голем број ќе дојдат на теренот на противникот за да ни ја дадат потребната енергија од трибините“, вели тренерот Васко Атанасов.

Натпреварот меѓу Работнички и МЗТ Скопје се игра во СРЦ „Кале“ со почеток од 18:00 часот.