Атанасов: Нема да го потцениме Маџари, но сакаме да го задржиме трофејот во Аеродром

Кошаркарите на МЗТ Скопје ќе го дочекаат Маџари во првиот финален натпревар во Суперлигата на Македонија. Аеродромци го бранат тронот во мак-баскетот, а противник ќе им биде овогодинешниот хит, дебитантот во елитата Маџари. 

Пред стартот на финалната серија своите очекувања ги сподели тренерот Васко Атанасов. Тој покажа почит кон ривалот, меѓутоа нагласи дека МЗТ е фаворит.

„Финалето носи посебен предизвик, како круна на сезоната во која сте пролеале милион капки пот. Веруваме во својот квалитет и подготвени сме да дадеме сè за да ја одбраниме титулата. Маџари со настапите во првенството и плеј-офот покажа квалитет кој мора да се почитува. Нема да го потцениме ривалот, без разлика на тоа што е дебитант во елитата. Свесни сме дека зависи од нас. Ако бидеме на потребното ниво тогаш ќе бидеме многу близу до задржување на шампионскиот пехар во Аеродром“, изјави Атанасов.

Средбата во СЦ „Јане Сандански“ се игра вечерва во 20:30 часот, а влезот ќе биде слободен.