Атанасов: МЗТ игра најдобро во гости, таму освојува и трофеи

Шефот на стручниот штаб на МЗТ Скопје Аеродром, Васко Атанасов, по победата над МКК Куманово со 70-68 и освојувањето на Суперкупот „Драган Василов – Цевка“, ги сподели впечатоците од натпреварот и настапот на својот тим.

„Еден доста добар натпревар, интересен за играње и за гледање. Знаеме колку Куманово се избори да го има домаќинството во Суперкупот, се надевам бевме добри гости. За нас, ова беше една важна победа на старт на сезоната како што планиравме. Кажав и пред неколку дена, тука дојдовме да играме добра кошарка. МЗТ игра најдобро во гости, освојува трофеи на гости. Така што ова беше едно одлично издание на мојот тим, посебно во второто полувреме, иако без помошта на Војдан и Фарахан кои беа најдобри играчи. Сите кои влегоа во игра дадоа свој придонес и задоволен сум.“, изјави Атанасов.

За МЗТ Скопје следен предизвик ќе бидат настапите на домашната сцена и во ФИБА Европа Купот, додека АБА-2 лигата е на чекање затоа што стартот е одложен.