• Зоран Мишевски
Македонската клупска кошарка се наоѓа пред викендот на одлука. Нашиот шампион МЗТ Скопје гостува во Суботица на возратниот натпревар од полуфиналната серија на плеј-офот на АБА2 лигата.
Домашниот пораз од 73-78 не ги обесхрабрува кошаркарите и тренерот Васе Атанасов.
„Нема предавање, без разлика што мечот ќе го почнеме со стартна негатива. Изминатава недела работевме на исправање на покажаните слабости, како и на пронаоѓање нови начини како би можеле да го изненадиме силниот противник. Наша цел е да се бориме до последниот атом енергија, да дадеме максимум и да пробаме да вратиме на идентичен начин.
Нема да биде лесно, Спартак Суботица е квалитетен тим со голем буџет и големи амбиции, но тоа нема да значи дека нема да ги примораме сериозно да се испотат ако сакаат да дојдат до финалето. Очекувам возбудлив и до крај неизвесен меч во кој пак ќе решаваат финеси“, рече тренерот Атанасов.
Дуелот во Суботица се игра в сабота од 19:00 часот.





