• Иван Димовски
Кошаркарите на МЗТ Скопје ќе ја отворат новата година со натпревар од АБА-2 лигата на домашен терен против српска Војводина. Ова ќе биде тежок дуел за двете екипи, не само бидејќи е прв по паузата, туку и поради квалитетот кој е израмнет.
Токму тоа го посочи и тренерот на аеродромци Васко Анатасов. Тој повика на претпазливост, ама нагласи дека со добар пристап може да се дојде до позитивен исход.
„Новата година ја почнуваме со голем предизвик, а тоа ќе биде дуел со една од најдобрите екипи во АБА-2 лигата. За Војводина настапуваат голем број квалитетни и искусни играчи. Ова ќе биде исклучителен натпревар за двете екипи кои моментално имаат ист број бодови. Поради тоа очекувам голема борба од почетокот до крајот на мечот. Играме на домашен терен и ќе имаме голема поддршка од трибините. Тоа секако ќе ни биде предност во однос на ривалот. Добро трениравме во изминатиот период и верувам дека ако одиграме како што знаеме, на крајот ќе се радуваме“, посочи тренерот на „штрковите“.
Освен Атанасов, своите очекувања ги сподели и еден од лидерите на тимот, Елајџа Мекејден, кој кажа:
„Паузата добро ни дојде. Ги наполнивме батериите, добро трениравме и максимално сме подготвени да го дочекаме предизвикот. Домашниот терен ни носи стартна предност, ама мора да одиграме најдобро што можеме ако сакаме победа. Уверен сум дека квалитетот е на наша страна. Со цврста одбрана и фокусиран напад можеме да стигнеме до посакуваната цел“.
Средбата во СЦ „Јане Сандански“ ќе се одигра во терминот од 20:00 часот.





