Атаман завршил во болница по мечот со Партизан, нема да го предводи Ефес на следниот меч!

Турскиот тренер Ергин Атаман завршил во болница по одигрувањето на натпреварот од Евролигата против белградски Партизан. Предводникот на актуелниот европски шампион бил пренесен во клиничкиот центар во Истанбул поради воспаление на белите дробови. 

Управата на Анадолу Ефес се огласи со официјално соопштение во кое се вели дека тренерот Атаман ќе биде отсутен одредено време поради здравствени проблеми. 57-годишниот стратег имал симптоми уште на претходниот натпревар против Реал Мадрид, но ситуацијата се влошила после поразот од „црно-белите“ пред три дена. 

„Нашиот главен тренер, Ергин Атаман има зараза на респираторниот тракт и беше под лекарска терапија уште на последните два меча, но за жал, ситуацијата се влоши по мечот со Партизан и тој мораше да биде пренесен во болница. Тој е примен на болничко лекување и нема да доаѓа на работа во следните неколку денови. Оваа ситуација наложува Атаман да не го предводи тимот на мечот со Бујукчемеџе во турската Суперлига. Следната контрола му е закажана за вторник и по неа ќе биде одлучено дали ќе се врати на клупата за мечот со Алба Берлин во Евролигата, кој е закажан за 23. март. Му посакуваме брзо опоравување на нашиот главен тренер“, стои во известувањето од Анадолу Ефес. 

Анадолу Ефес е во тешка ситуација во Евролигата после поразот од Партизан, а почнаа да се зголемуваат и гласините дека односот помеѓу тренерот и најголемите ѕвезди на тимот, не е баш најдобар. Актуелниот првак на Европа се наоѓа на 11. место на евролигашката табела со 14 победи и 15 порази. Басконија е тимот што го држи првото место кое води во главната фаза, шпанскиот тим има една победа повеќе од Анадолу Ефес. 

Ергин Атаман го предводеше Ефес кон две последователни титули во Евролигата, станувајќи прв турски тренер во историјата кој успеал да се закити со овој престижен трофеј.