• Мартин Танасковски
Тренерот на Панатинаикос, Ергин Атаман, отворено проговори за моменталната форма на плејмејкерот Ти-Џеј Шортс, кој сè уште не ја пронајде својата вистинска игра во дресот на атинскиот клуб. По убедливиот пораз од Црвена Звезда со 86-68 во натпревар од Евролигата, турскиот стратег јавно ја изрази својата загриженост за придонесот на американскиот кошаркар кој поседува македонски пасош и е наш репрезентативец.
Шортс пристигна во Панатинаикос ова лето како едно од најзвучните засилувања, откако минатата сезона со француски Париз ја имаше својата најдобра година во кариерата. Тој беше еден од најзаслужните за историскиот пласман на Париз во плејофот на Евролигата, освои место во идеалната петорка и имаше номинација за МВП на сезоната. Во 37 натпревари тогаш бележеше просек од 19 поени, 7,3 асистенции и 22,8 индекс поени по меч.
Сепак, неговата авантура во Атина засега не го следи истиот тек. Во првите девет натпревари сезонава, Американецот има просек од само 6,1 поен и 2,7 асистенции за околу 15 минути на терен. Овие бројки се далеку под очекувањата и потенцијалот кој го покажа минатата година, а токму тоа предизвика реакција кај тренерот Атаман.
„Морам да бидам искрен, засега не сум задоволен од неговите настапи. Можеби има и наша вина, можеби има и негова, но резултатот е јасен – не ја добивме играта што ја очекувавме од него. Сепак, верувам дека ќе го пронајде вистинскиот ритам и дека ќе ни помогне во продолжението од сезоната,“ изјави Атаман по натпреварот во Белград.
Во последните денови се појавија шпекулации дека Црвена Звезда наводно го сака Шортс на позајмица до крајот на сезоната, но од редовите на Панатинаикос стигнаа информации дека клубот нема намера да се раздели со него. И покрај тешкиот почеток, раководството има доверба дека плејмејкерот ќе се прилагоди на системот на Атаман и ќе ја врати формата која го направи еден од најдоминантните организатори на играта во Европа.









