• Саше Љолес
Ергин Атаман повторно се огласи во врска со инцидентите во финалната серија меѓу Панатинаикос и Олимпијакос, овој пат со контра-удар за соопшението на Олимпијакос.
Спортскиот директор на „црвено-белите“ го спомена Атаман во негативен контекст, на што турскиот тренер возврати во негов стил и изнесе брутална изјава.
„Вие воопшто не се извинивте за расистичките и ксенофобични изјави против мене и против мојата држава, моето семејство. Ме испитуваа, ме казнуваа на начини за кои не сум знаел дека постојат во триесетгодишната кариера.
Тука бев соочен со три тужби од адвокати на Олимпијакос. Никогаш не се повлекував, нема ни сега. Уште еднаш сакам да ја потенцирам состојбата, вие не покажавте никаква почит за мене и за мојата држава. Секогаш ќе реагирам на вакви ситуации, особено кога ме напаѓаат. Ова е невидено“, рече Атаман.
После многу тензии и инциденти, Олимпијакос има водство од 2-1 во финалето со „детелинките“ и му е потребна уште една победа за шампионската титула. Четвртиот натпревар ќе се одигра на осми јуни во 20:00 часот.