Атаман го фали Осман: „Тој е најдобриот кошаркар во Европа!“

Кошаркарската репрезентација на Турција продолжува со импресивните настапи во квалификациите за Светското првенство во 2027 година, а по убедливата победа над Литванија од 94-66, во центарот на вниманието се најде капитенот Џеди Осман.

Турците стигнаа до седмата победа во исто толку натпревари во групата Ј, а значаен придонес во новиот триумф имаше токму Осман. Охриѓанецот за нешто повеќе од 20 минути на паркетот постигна 22 поени и уште еднаш покажа зошто е еден од лидерите на националниот тим.

Селекторот Ергин Атаман по натпреварот имаше само пофални зборови за својот капитен, нагласувајќи го неговото влијание и надвор од статистиката.

„Пред сè, сакам да му честитам на Џеди. Одлично ја извршува капитенската улога и дава сè од себе за оваа репрезентација. Според мене, Џеди е најдобриот играч во Европа на својата позиција. Кога ќе го ставите во вистински систем, тој тоа го покажува на теренот. Секогаш го дава максимумот, ги прави соиграчите подобри и носи многу позитивна енергија во тимот“, изјави Атаман.

Турција со перфектен учинок од 7-0 продолжува кон следната фаза од квалификациите, а Осман очигледно ќе биде еден од клучните адути на тимот во борбата за место на Мундобаскетот.