• Саше Љолес
Турскиот тренер, Ергин Атаман, доби награда за успешната работа во Панатинаикос, откако управата реши да ја продолжи соработката и му понуди нов повеќегодишен договор со значително поголеми примања.
Стратегот уште во првата сезона успеа да ја донесе титулата во Евролигата, а воедно и ја прекина доминацијата на Олимпијакос во грчкото првенство. Сето ова беше доволен знак за претседателот Димитрис Јанакопулос да му понуди нова соработка која беше потврдена и на неговиот инстаграм профил.
„Кога сакаш да освоиш пет евролигашки титули во низа, мора да ги заклучиш најдобрите играчи и да имаш вистински маестро на клупата. Атаман ќе биде постојан жител на Атина во годините што следат“, напиша Јанакопулос.
Со Атаман на клупата, „детелинките“ успеаја со пресврт да го елиминираат Макаби во четвртфиналето од Евролигата, а потоа успеаја и да триумфираат на завршниот турнир. Слична беше ситуацијата и во домашното првенство, каде Олимпијакос имаше водство од 2-1, но на крајот потклекна пред вечниот градски ривал.