• Саше Љолес
Селекторот на женската кошаркарска репрезентација, Александар Ашаданов, го прокоментира убедливиот пораз на Македонија од селекцијата на Хрватска, истакнувајќи дека заморот бил повеќе од очигледен кај неговите избранички.
Нашите девојки со пократка ротација во составот не можеа да се спротивстават на силниот ривал, нешто што го потврди и самиот селектор.
„Одигравме три натпревари во десет дена, и можам да кажам дека сум задоволен и од резултатите и од залагањето на играчите. Кратката ротација најмногу се одрази во третиот дуел со Хрватска, каде што заморот беше јасно видлив кај кошаркарките кои го понесоа главниот товар.
Голем хендикеп за нас беше и болеста на нашиот капитен Митрашиновиќ, која два дена имаше висока температура и примаше инфузии. Таа настапи благодарение на пожртвуваната работа на медицинскиот тим, кој направи сè за да биде барем делумно подготвена.
Убеден сум дека доколку вториот натпревар со Хрватска го игравме дома, ќе имавме и подобар резултат. Сепак, со оглед на краткиот подготвителен период со екипата, мораме да бидеме и повеќе од задоволни од постигнатото во овој прв прозорец.
Искрено се надевам дека во вториот “прозорец“ ќе нè заобиколат пехови и дека ќе успееме да стигнеме до нов позитивен резултат“, изјави Ашаданов.
Македонија ја заврши првата половина од квалификациите за Европското првенство со една победа и два порази. Следните натпревари на програмата се во март идната година.



