Ашаданов нов селектор на женската кошаркарска селекција на Македонија

Женската кошаркарска репрезентација доби нов селектор, па Александар Ашаданов ќе ја преземе улогата на предводник на дамите. Актуелниот шеф на стручниот штаб во ЖКК Вардар, како доскорешен асистент во сениорската селекција ја доби довербата на КФСМ и ќе ја води Македонија во квалификациите за пласман на Европското првенство кое ќе се одржи во 2023 година во Словенија и Израел.

Ашаданов ќе го наследи Владимир Ѓоровиќ во пресрет на новиот квалификациски циклус. Тој важи за еден од најперспективните млади тренери во Македонија, а минатата сезона беше дел од стручниот штаб на Баскет Кам кој ја освои двојната круна. 

Новиот селектор призна дека ова е нов, а воедно и најголем предизвик во неговата кариера. 

„Чест и задоволство е да се биде селектор на една репрезентација, уште поголема ако станува збор за својата земја. Огромна благодарност до раководството на кошаркарската федерација кое одлучи да ме назначи за селектор на сениорките. Ова е голем предизвик за мене како тренер, а предизвиците отсекогаш биле мојата енергија и мотивација. Иако сум запознаен со целосната ситуација во женската кошарка кај нас и на тоа се додаде групата на нашата репрезентација, сепак сум голем ентузијаст и верувам во квалитетот на нашите репрезентативки“, изјави Ашаданов.

Во новиот циклус квалификации за Европското првенство во 2023 година, Македонија ќе игра во групата А заедно со Германија, Белгија и Босна и Херцеговина.