Ашаданов: Ќе градиме тактика и тимска атмосфера, тоа е најважното за успех

Женската кошаркарска репрезентација на Македонија го имаше првиот собир под водство на новиот селектор Александар Ашаданов. На првата прозивка нашиот национален тим не беше комплетен, а предводникот на најдобрата селекција истакна дека во следниот период ќе се работи на тактика и тимска атмосфера - најважните работи за успех.

„Со вечерашниот тренинг официјално започнуваат подготовките за првиот прозорец од квалификациите. Нè очекува период во кој покрај тактичкиот дел ќе ја градиме и тимската атмосфера која за мене и стручниот штаб е една од најважните работи за успех. Започнуваме со помал број на репрезентативки, но веќе на утрешниот тренинг очекуваме да ни се приклучат Селцова, Николиќ, Стојановска, Трајчевска, Димитријевиќ, Блажевска, Димова и Кметовска. Кошаркарките на Бадел 1862 се поштедени од денешниот тренинг заради вчерашното гостување во WABA лигата, додека Николиќ и Селцова треба да пристигнат вечерва. Целосното комплетирање на екипата е во понеделник кога ќе се појават Митрашиновиќ, Бонер, Митрева и Кожобашиоска кои имаат обврски со своите клубови каде настапуваат во овој момент“, изјави Ашаданов за интернет-страницата на Кошаркарската федерација.

Во првиот квалификациски круг, нашите девојки ги чекаат два натпревари. На 11 ноември и гостуваме на Германија, додека три дена подоцна, во Скопје, ја пречекуваме селекцијата на Босна и Херцеговина.