Ашаданов: Хемијата во екипата е пресудна за успесите

Екипата на Баскет КАМ 2011 е новиот освојувач на Купот на Македонија за кошаркарки, кој од оваа година го носи името на нашата кошаркарска легенда „Благоја Георгиевски Буштур“.

Во финалниот натпревар одигра во СРЦ „Кале“, беа многу подобра екипа од Бадел 1862. Од првата до последната минута од финалните четириесет минути екипата од Македонска Каменица потврди дека со право важеше за фаворит и на овој финале турнир во Скопје.

„Честитки до противничката екипа за пружениот отпор. Чувството да бидеш дел од ова е прекрасно, честа беше наша да сме дел од завршницата. Целта е јасна, да се освои и домашното првенство. Имаме доста добар ростер, со странски засилувања и доста репрезентативки. Според мене хемијата на оваа екипа е пресудна за успесите“, рече Александар Ашаданов, тренерот на Баскет Кам.

Историскиот успех на Баскет Кам го поздрави и најдобрата кошаркарка на победникот на Купот, Анџелика Митрашиновиќ.

„Презадоволна сум, ја очекувавме оваа победа. Сакам да им честитам на соиграчите за одличната игра и се надевам дека ќе имаме уште повозбудливи натпревари во плејофот. Оваа години се засили доста лигата, доста ми е мило за тоа. Ми заврши сезоната во Црна Гора и сакав да се вратам тука. Се надевам на добри натпревари, добро финале во плејофот па и на двојна титула“, вели Митрашиновиќ.

Овие две екипи, како и ЖКК Вардар ќе водат голема битка и во плеј-офот, каде титулата од минатата сезона ја брани Бадел 1862.